Достапни линкови

Вести

Сеул соопшти дека Пјонгјанг лансирал балистичка ракета кон Јапонско Море

илустрација
илустрација

Северна Кореја истрела недефинирана балистичка ракета, соопшти денеска јужнокорејската војска, а пренесе ДПА.

Северна Кореја ја лансираше ракетата кон Источното Море, познато и како Јапонско Море, соопшти јужнокорејската новинска агенција Јонхап, цитирана од Генералштабот во Сеул.

ДПА потсетува дека со резолуции на ОН на Северна Кореја и е забрането да лансира, па дури и да тестира балистички ракети од кој било дострел.

Тоа, во случајот на оваа земја, вобичаено се ракетите земја-земја, што можат да бидат опремени и со нуклеарна боева глава.

Во последните неколку месеци повторно дојде до зголемување на тензиите на Корејскиот полуостров, потсетува ДПА.

види ги сите денешни вести

Убиен кандидат за градоначалник во Мексико на два дена пред изборите

Покана за гласање на изборите во Мексико. 31 мај 2024 година.
Покана за гласање на изборите во Мексико. 31 мај 2024 година.

Кандидат за градоначалник е убиен на 31 мај во централно Мексико, соопштија локалните власти, помалку од 48 часа пред изборите на кои беа убиени најмалку 25 кандидати.

Во соопштението на државното обвинителство во Пуебла, смртта на Хорхе Хуерта Кабрера беше потврдена во петокот попладне во градот Изукар де Матаморос, каде што тој беше кандидат.

Обвинителството соопшти дека води истрага.

Во нападот се ранети сопругата на Хуерта Кабрера и еден од неговите колеги, додаваат властите.

Тој е кандидат на партијата Зелени, која е во сојуз со владејачката партија Морена.

Кампањата за неделните избори, на кои треба да се избере нов претседател, федерални пратеници, гувернери на државите и илјадници локални функционери, беше обележана со бран напади врз кандидатите.

Федералната влада соопшти дека 22 кандидати биле убиени до вторникот, а од тогаш се пријавени уште три смртни случаи.

Некои невладини организации пријавија поголем број на убиени - до 30 убиства на кандидати од почетокот на кампањата на крајот на септември.

Борбата со картелското насилство што ги прави убиствата и киднапирањата секојдневна појава во Мексико ќе биде еден од главните предизвици со кои ќе се соочи следниот претседател, кој најверојатно ќе биде првата жена лидер во земјата.

Украина потпишува безбедносни договори со нордиските земји додека Русија ги засилува нападите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 31 мај потпиша договори за безбедност и соработка со Шведска, Норвешка и Исланд додека присуствуваше на третиот самит Украина-Северна Европа во Стокхолм.

Договорите беа потпишани додека руските напади и гранатирање продолжија да предизвикуваат хаос во градовите во Украина, убивајќи цивили и оштетувајќи ја инфраструктурата.

„Премиерот Бјарни Бенедиктсон и јас потпишавме договор за безбедносна соработка и долгорочна поддршка меѓу Украина и Исланд“, напиша Зеленски на X, поранешен Твитер.

Тој додаде дека нордиската земја ветила и најмалку 30 милиони евра финансиска поддршка за Украина до 2028 година.

Претходно, Зеленски потпиша сличен договор со Норвешка, при што членката на НАТО вети повеќе од една милијарда долари воена помош за Украина.

Германија го олесни влезот за баратели на работа од земји кои не се членки на ЕУ

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Во Германија стапи на сила новата визна шема за квалификувани работници од земји надвор од Европската унија, која овозможува влез во земјата и барање работа до една година, под услов да се исполнат одредени критериуми.

Новата шема, позната како карта за шанса на барателот на работа, им е достапна на оние со најмалку двегодишна стручна подготовка или универзитетска диплома признаена во земјата каде што е стекната квалификацијата. Потребно е и познавање на германски или англиски јазик.

Дали апликантите ги исполнуваат условите за таква виза се пресметува врз основа на јазични вештини, професионално искуство, возраст и врски со Германија.

Откако ќе се одобри картичката, апликантот може да влезе во Германија и да бара работа до една година, што значи дека веќе не треба да се поднесува договор со германска компанија пред да може да влезе во Германија за да работи.

Новата шема беше воведена со цел да се намали бирократијата и да се скратат процедурите.

„Обезбедуваме работниците и квалификуваните работници кои на нашата економија ѝ се потребни итно и со години да можат да дојдат во нашата земја“, изјави на 31 мај министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

Новата шема е дел од сеопфатниот пакет закони чија цел е да се реши акутниот недостиг на квалификувана работна сила во Германија.

Првата фаза започна во ноември 2023 година и главно вклучуваше олеснување на патот до дозвола за престој позната како Сина карта на ЕУ и се однесуваше на признати квалификувани работници.

Од саботата, можностите се проширени и за граѓаните од земјите од Западен Балкан кои бараат работа, вклучително и за неквалификувани работници.

Сепак, за тоа сепак е потребен договор со германска компанија како предуслов за влез во Германија на работа.

Русија таргетира енергетска инфраструктура во нови напади врз Украина

Дробишеве, село во делот на источниот регион Доњецк под контрола на Украина, претрпе штета во руското гранатирање на 31 мај.
Дробишеве, село во делот на источниот регион Доњецк под контрола на Украина, претрпе штета во руското гранатирање на 31 мај.

Енергетска инфраструктура е оштетена во пет региони низ Украина од најновиот руски напад со проектили и беспилотни летала, соопштија украинските власти на 1 јуни.

Оштетени се енергетските капацитети во источниот дел на Доњецк и југоисточните региони Запорожје и Дњепропетровск, како и во централниот регион Кироворад и западниот Ивано-Франковск, соопшти украинскиот оператор на електричната мрежа Укренерхо.

„Утринава Русите извршија нов напад врз украинските енергетски капацитети. Од март ова е веќе шести масивен, комплексен напад со проектили и беспилотни летала против цивилна енергетска инфраструктура“, рече Укренерхо.

ДТЕК - најголемата украинска приватна компанија за производство на енергија, соопшти дека за време на нападот биле погодени две нејзини термоелектрани, а дека опремата била „сериозно оштетена“. Компанијата не прецизираше каде биле тие објекти.

Русија го зголеми своето бомбардирање на украинската цивилна енергетска инфраструктура од март, уништувајќи голем дел од топлинскиот и хидроенергетскиот капацитет на земјата, предизвикувајќи прекини на струја и туркајќи го увозот на електрична енергија на рекордно високо ниво.

Претходно, украинските воздухопловни сили објавија дека противвоздушната одбрана соборила 35 од 53 руски ракети и 46 од 47 беспилотни летала.

„Руските терористи не се откажуваат од намерата да го уништат секторот за гориво и енергија во земјата. Воздухопловните сили и одбранбените сили на Украина прават се што е можно за да го спречат непријателот да ги постигне своите цели на секој дел од фронтот“, изјави командантот на силите, генерал Микола Олешчук.

Регионалните власти известија дека пожарникарите гаснат пожари на неколку локации по нападите. Засега нема информации за жртви.

Новите руски напади доаѓаат два дена откако американскиот претседател Џо Бајден ѝ даде дозвола на Украина да користи американска муниција за да напаѓа внатре во Русија со ограничена цел да го брани Харкив.

Во изјава за РСЕ на 31 мај во Прага на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека промената во политиката е „легитимна“.

Досега, украинските сили не беа во можност да ги нападнат руските сили што се собираат на руска територија со оружје што го снабдува Западот, поради загриженоста на САД и некои други западни сојузници на Украина дека тоа ќе ја ескалира војната.

„Правото на самоодбрана го вклучува и правото да се напаѓаат цели на територијата на агресорот. И токму тоа Украина мора да може да го направи“, рече Столтенберг.

Матурантите го полагаат првиот испит од државната матура

Ученици во Македонија го полагаат првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература.
Ученици во Македонија го полагаат првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература.

Речиси 15 илјади ученици што завршуваат средно образование, денеска го полагаат првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература. Учениците наместо во училници, полагаат во големи простории во училиштата како холови и спортски сали за да се оневозможи препишување, а полагањето го надгледуваат 2.000 наставници.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ) којшто го организира полагањето на државната матура, пријавени се 10.088 кандидати за испитот по македонски јазик и литература, 4.189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.

По повод почетокот на полагањето на државната матура во учебната 2023-2024 година, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ќе го посети средното училиште „Нико Нестор“ во Струга.

Директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска, пак, ќе ја посети скопската гимназија „Орце Николов“.

Вториот (изборен) екстерен испит ќе се полага на 8 јуни.

Пријавени се 1.356 кандидати за математика, 13.198 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 114 за германски јазик, 84 за естетика и по еден кандидат за руски јазик и за филозофија.

Според видот на образование, 6.341 матуранти се од гимназии, 8.230 од стручно и 263 од уметничко образование.

Оваа учебна година матурантите наместо во училници, тестовите ќе ги полагаат во големи простории во училиштата: холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање.

Целта е со повеќе тестатори на едно место да се овозможи подобра контрола во текот на испитот и да се оневозможи препишување или масовно споделување одговори, како што се случи минатата година во група на апликацијата Вибер на испитот по Англиски јазик.

Тестирањето за двата екстерни испита, денеска и наредната сабота, ќе почнува во 10 часот.

Полагањето ќе го надгледуваат околу 2000 тестатори – наставници кои се ангажирани во други, а не во своите училишта, како и околу 200 набљудувачи од ДИЦ, Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и од Центарот за стручно образование и обука.

Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024 година.

Блинкен потврди дека Бајден одобрил Украина да користи оружје на САД за напади во Русија

Американскиот државен секретар Антони Блинкен.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека претседателот Џо Бајден ѝ дал зелено светло на Украина да користи американско оружје за да нападне внатре во Русија со ограничена цел да го брани источниот град Харкив.

Ваквата одлука дошла во услови на молби од Украина САД да им дозволи на нејзините сили да ја бранат земјата од напади со потекло од руска територија.

Говорејќи во Прага на 31 мај на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, Блинкен рече дека Украина побарала овластување од Вашингтон да користи американско оружје за да нападне внатре во Русија „за да се одбрани од оваа агресија, вклучително и против руските сили кои се трупаат на руската страна на границата и потоа напаѓаат во Украина“, рече Блинкен.

„И тоа отиде директно кај претседателот. И како што слушнавте, тој ја одобри употребата на нашето оружје за таа цел. Во иднина, ние ќе продолжиме да го правиме она што го правевме, а што е потребно приспособување и прилагодување. “, рече Блинкен.

Потврдата на Блинкен дојде по извештаите на медиумите кои ги цитираа американските официјални лица - вклучително и оној кој зборуваше за РСЕ - дека Бајден делумно ја укинал забраната.

Сончево време со услови за краткотрајно невреме

Сончево време во Скопје.
Сончево време во Скопје.

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови од земјава повремено засилен ветер од југозападен правец.

Според прогнозата на УХМР, попладне и кон крајот на денот ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи и услови за краткотрајно невреме.

Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени. УВ-индексот ќе има вредност 7.

Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи.

Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне 31 степен.

Во следните денови ќе се задржи сончево и топло време со мала до умерена облачност.

Бајден го повика Хамас да го прифати новиот израелски план за прекин на огнот

Џо Бајден
Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден ги повика милитантите на Хамас во петокот да се согласат со новата понуда од Израел за ослободување на заложниците во замена за прекин на огнот во Газа, велејќи дека тоа е најдобриот начин да се започне прекин на смртоносниот конфликт.

„Со прекин на огнот, помошта може безбедно и ефикасно да се дистрибуира до сите на кои им е потребна“, рече Бајден, пренесува Ројтерс.

„Како некој кој имал доживотна посветеност на Израел, како единствен американски претседател што некогаш отишол во Израел во време на војна, како некој кој штотуку испрати американски сили директно да го бранат Израел кога Иран го нападна, ве молам да преземете повлечете се и размислете што ќе се случи ако овој момент се изгуби“, рече тој.

Претходниот предлог за заложници поднесен порано оваа година бараше ослободување на болните, постарите и ранетите заложници во Газа во замена за шестнеделен прекин на огнот што може да се продолжи за да се овозможи доставување хуманитарна помош во енклавата.

Предложениот договор пропадна претходно овој месец откако Израел одби да се согласи на траен прекин на огнот како дел од преговорите и го засили нападот врз градот Рафах во јужна Газа.

Хамас во четвртокот соопшти дека им кажал на посредниците дека нема да учествува во понатамошни разговори за време на тековната агресија, но дека е подготвен за „целосен договор“, вклучително и размена на заложници и затвореници, доколку Израел ја прекине војната.

Преговорите со посредство на Египет, Катар и други за договор за прекин на огнот меѓу Израел и исламистичкото движење во војната во Газа постојано се заглавени, при што двете страни ја обвинуваат другата за недостаток на напредок.

Израел нема да се согласи на каков било прекин на огнот што не е дел од договорот што вклучува враќање на преживеаните заложници, изјави во петокот висок израелски безбедносен функционер.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби во вторникот изјави дека неодамнешните израелски копнени операции во Рафах нема да доведат до повлекување на поголема американска воена помош.

Војната во Појасот Газа започна кога милитантите од Хамас, организација означена како терористичка организација од Соединетите Американски Држави и Европската Унија, започнаа напад без преседан врз Израел на 7 октомври, при што според израелските власти загинаа околу 1.200 луѓе, главно цивили. .

Хамас киднапираше и околу 250 луѓе, од кои 100 се уште се заробени во Појасот Газа.

Израел потоа започна офанзива на Газа во која досега загинаа најмалку 36.280 луѓе - две третини од нив жени и деца - и рани повеќе од 80.000, според локалното Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас.

Војната го турна најголемиот дел од населението во Газа на работ на глад, според ОН. Уништени се бројни болници, а оние кои не се уништени немаат доволно гориво за генератори и други основни потреби.

Институт за јавно здравје: Речиси половина од населението се активни пушачи

Пушење на отворен простор (архива)
Пушење на отворен простор (архива)

Употребата на тутун во Северна Македонија е многу висока. Последните истражувања покажуваат дека процентуалната застапеност на населението кое употребува тутун, ја става Северна Македонија меѓу земјите во светот со најголеми стапки на граѓани кои се активни пушачи.

Според истражувања на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), бројот на активни пушачи изнесува 45.4 отсто, со многу низок процент на луѓе - само пет проценти, кои успешно се обиделе и откажале од пушење во последните години. Овие податоци ги споделија од ИЈЗ по повод 31 мај - Светски ден против употреба на тутун.

„Во советувалиштата за откажување од пушење, што функционираат во склоп на центрите за јавно здравје низ целата држава, има многу мала посетеност. Во 2023 година во советувалиштата за откажување од пушење се јавиле само 43 луѓе, што е многу мала бројка. Односно, нема голема заинтересираност за откажување од пушењето кај населението“, потенцираат од Институтот.

Оттаму нагласуваат дека како еден од најголемите и најзастапените ризик фактори кај речиси сите видови хронични незаразни заболувања, употребата на тутун сериозно придонесува кон нарушувањето на општото здравје на популацијата. Кардиоваскуларни, респираторни, репродуктивни, малигни, ендокрини и многу други видови заболувања, може да се јават како последица од редовна употреба на тутун.

„И покрај сите релевантни институции во државата што работат на намалување на употребата на тутун, вклучително со континуираната едукација на населението, за жал нема голем напредок во обидите да се намали преваленцата на пушењето во државата. Иако Северна Македонија во 2006 година ја ратификуваше Рамковната конвенција за контрола на тутунот на Светската здравствена организација и низ годините имало напори за да се зајакне здравствената регулатива поврзана со употребата на тутун, во последните години има застој на ова поле, со укинување на забраните за пушење во терасите од угостителските локали, а дополнително се дозволи употреба на електронските уреди што го загреваат, а не го горат тутунот во јавни затворени локали“, додаваат од ИЈЗ.

Тутунската индустрија, како што наведуваат, со сите свои ресурси успешно се бори против напорите за зајакнување на законската легислатива, која всушност е еден од условите за пристап кон Европската Унија, па така потреба од прилагодување на законите со оние од ЕУ е неопходна за напредокот на земјата.

И младите изложени на привлечноста на производите од тутун

Годинава, ИЈЗ учествува во две истражувања поврзани со употреба на тутун кај младите лица, а резултатите од овие истражувања ќе бидат објавени и достапни кон крајот на годината, кога ќе бидат целосно завршени.

„Светскиот ден без тутун во 2024 година ќе им даде платформа на младите луѓе ширум светот, кои ги повикуваат владите да ги заштитат од предаторските тактики за маркетинг на тутунската индустрија. Индустријата е насочена кон младите за цел живот на профит, создавајќи нов бран на зависност. Децата користат е-цигари со стапки повисоки од возрасните во сите региони“, додаваат од ИЈЗ.

Пушењето меѓу младите останува распространето и се зголемува во одредени нации. Според достапните информации, над 38 милиони млади луѓе на возраст меѓу 13 и 15 години користат некаков облик на тутун.

„Во 2022 година, сцените со тутун се зголемија за 110 отсто во популарните неодамнешни емисии кај младите од 15 до 24 години, често прикажувајќи го пушењето како гламурозно и „кул“. Според „Иницијативата за вистина“, младите имаат до трипати поголема веројатност да почнат да пушат кога се изложени на слики за пушење на екранот“, наведуваат од ИЈЗ.

Во Северна Македонија пушењето е дозволено надвор од деловните објекти, а кај угостителските објекти на тераса или летна бавча. Висината на казните ако се утврди неправилност е од 2.000 до 4.500 евра за фирмите и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице на фирмата. Казни од 150 до 300 евра добиваат граѓаните ако бидат затечени со цигара во просторија каде пушењето е забрането.

Русија и Украина разменија 150 затвореници

Со размена на затвореници, четворица цивили и 71 војник беа вратени во Украина на 31 мај 2024 година.
Со размена на затвореници, четворица цивили и 71 војник беа вратени во Украина на 31 мај 2024 година.

Русија и Украина ја одржаа својата прва размена на затвореници по речиси четири месеци, при што секоја страна размени по 75 луѓе. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ја потврди размената на 31 мај во објава на Телеграм, пренесува РСЕ на англиски јазик.

Тој рече дека четворица цивили и 71 војник се вратени во Украина, додавајќи дека се работи на понатамошна размена на затвореници.

Руското Министерство за одбрана одделно најави враќање на 75 руски војници од Украина. Размената беше посредувана од Обединетите Арапски Емирати, соопшти руското Министерство.

Истиот ден Русија и Украина ги разменија телата на загинатите. Руската Дума соопшти дека Украина предала 45 тела на загинати руски војници. Украинскиот координативен штаб за справување со воени заробеници соопшти дека во Украина се вратени 212 загинати војници. Последната размена на затвореници меѓу Украина и Русија се случи во февруари.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG