Достапни линкови

Министрите во промотивни видеа загрозија лични податоци на граѓаните


Разгледување на пасош во кои се гледаат лични податоци (видео објавено од МВР)
Разгледување на пасош во кои се гледаат лични податоци (видео објавено од МВР)

Матични броеви, фотографии, броеви на лични карти покажани во видеа објавени од министри. МНР вели дека ги коригирале пропустите, а МВР тврди дека е целосно посветено на заштитата на податоците. Од Владата, пак, се извинија зашто објавија лични податоци на 500 граѓани во „Службен весник“ и велат дека пропустот настанал зашто имало „енормно зголемен обем на работа“. Агенцијата за заштита на личните податоци констатираше прекршоци кај Владата, а за објавите на министрите ќе прави супервизија.

По хаосот кој настана со издавањето лични документи и мобилизацијата и реорганизацијата што потоа ја најавија надлежните институции, дел од функционерите преку видеа и фотографии на социјалните мрежи изминатите денови покажаа како „течно“ сега се одвива процесот.

Видеа објавени на официјалната Фејсбук страница на шефот на дипломатијата Бујар Османи овековечија како тече фотографирањето и издавањето пасоши во амбасадите Брисел, Берн, Виена, како и во конзуларните претставништва во Минхен, Бон, Венеција.

Преку објави на официјалните страници на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и на неговиот дополнителен заменик Митко Бојмацалиев, пак, можеше да се види како се работи во управните служби во зградата на МТВ, на пунктот во полициската станица „Пролет“...

Лични податоци на „ачик“ во промотивните видеа на функционерите
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:25 0:00

Меѓутоа, на некои од кадрите можеше јасно да се види и прочита и нешто друго – лични податоци на граѓаните. На пример, на виделина се најдоа матични броеви, имиња и презимиња, фотографии, броеви на лични карти, што ги отвори прашањата дали институциите и функционерите воопшто водат сметка за заштитата на личните податоци и колку објавените видеа ги прекршуваат законските одредби.

Од МНР објавиле, па поправале објави

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, престојот во Германија за Минхенската безбедносна конференција минатиот викенд го искористи за да ги посети околните амбасади и конзулати на Северна Македонија. Во дел од нив, како на пример во амбасадата во Брисел, беше во друштво и на премиерот Талат Џафери и на првиот вицепремиер Бојан Маричиќ.

Видеа, фотографии и соопштенија од обиколките беа лиферувани и на социјалните мрежи и до медиумите. Во дел од кадрите во нив, јасно се гледаа лични податоци. Во видео од посетата на конзулатот во Бон, на пример, може да се види матичен број на македонска државјанка што таму аплицирала за издавање пасош.

Дека направиле пропусти се свесни во Министерството за надворешни работи (МНР).

„Во врска со Вашите прашања, Ве информираме дека по забележување на одредени пропусти видеата веднаш беа коригирани“, велат од МНР за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Видеа на страницата на Османи кои се достапни во моментов, сега се со заматенени делови во кадрите каде се гледаат лични податоци на граѓани.

Внатрешните страници на пасоши, како и лични карти може да се забележат и на видеа од посетите на министерот Тошковски и на неговиот дополнителен-заменик Бојмацалиев на пунктот „Пролет“ и управните служби. На пример, во еден од еден од кадрите на видео кое во моментов е достапно на Јутјуб каналот на МВР, може да се прочитаат најмалку пет броеви на лични карти на граѓани.

Од Министерството, пак, велат дека се целосно посветени на заштита на приватноста и оти преземаат мерки ако има пропусти.

„Министерството за внатрешни работи целосно е посветено на важноста на приватноста и обезбедува заштита на личните податоци добиени по каков било основ, а кои автоматски се обработуваат при користење на било какви услуги од министерството. Доколку се утврди некаква несоодветност или некаков пропуст, се преземаат соодветни мерки“, велат од МВР за РСЕ.

Никој не реагирал до Агенцијата за заштита на личните податоци

Објавите ќе ги разгледува и Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП). Оттаму за РСЕ велат дека „веќе се спроведува супервизија за ова проблематика при што ќе бидат опфатени и предметните прашања“.

Граѓани, пак, самоиницијативно не реагирале до нив.

„До Агенцијата нема пријави од физички лица во однос на објавите на фотографии и видеа од пунктовите за фотографирање и издавање пасоши и лични карти во просториите на МВР. Доколку некое физичко лице смета дека му се повредени неговите лични податоци, тоа лице може да поднесе Барање за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци преку веб страницата на Агенцијата или директно во нашите простории“, велат од АЗЛП.

Над 500 матични броеви и трансакциски сметки осамнаа во „Службен весник“

Од Агенцијата последно прекршување на Законот за заштита на личните податоци од страна на државна институција констатирале при вонредна ревизија направена пред пет дена, на 16 февруари, откако на тоа им укажале од Здружението на млади правници.

Прекршоците ги направила Владата со објавување на матичните броеви, трансакциските сметки и банките на 519 граѓани во „Службен весник“. Во прашање е објавување на „Одлуката за исплата на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година“ која се нашла во „Службен весник“ на 13 февруари.

Со тоа, како што пишува во објавата од Агенцијата за заштита на личните податоци, Владата „постапила спротивно на начелата на ’законитост, правичност и транспарентност‘, ’ограничување на целите‘, ’минимален обем на податоци‘ и ’интегритет и доверливост‘“.

Како дојде до прекршувањето на законските одредби и дали е постапено по укажувањата, прашавме и во Владата и во „Службен весник“. од Илиденска бр.2 велат дека имале премногу работа и им се извинија на граѓаните.

„Поради енормно зголемен обем на работата на двете страни Генералниот секретаријат и 'Службениот весник', се случи технички пропуст, за кој што длабоко се извинуваме на засегнатите граѓани. Техничкиот пропуст службите го забележале веднаш по објавување на службениот весник и истиот ден се обратиле до Службен весник и со заедничка координација пропустот е исправен и службениот весник е повторно објавен“, велат од Владата.

Агенцијата само со решение нареди Владата да ја повлече и измени одлуката односно да ги избрише матичните броеви и трансакциските сметки на граѓаните, како и во рок од пет дена од приемот на нејзиното решение, да се достави писмен доказ дека е постапено по укажувањата.

Од Владата велат дека веќе постапиле по укажувањата.

Мартина Дранговска Мартинова од Македонско здружение на млади правници кои ја алармирале Агенцијата за порталот Академик изразува загриженост дека „ е нарушена безбедноста на личните податоци на над 500 граѓани и отворена е можноста за нивна злоупотреба. Службениот весник на РСМ е службено гласило достапно во електронска и печатена верзија на голем број лица. Оттука, можно е со самото објавување на податоците веќе да е направена неповратна штета по безбедноста на личните податоци“, вели Дранговска Мартинова. Додава и дека граѓаните можат да поведат и судска постапка и да бараат надомсет на штета во кривична постапка доколку настане злоупотреба на личните податоци.

Повреди кај државни институции во однос на заштитата на личните податоци биле констатирани и во текот на 2023 година. Според податоците на Агенцијата, лани биле извршени вонредни супервизии во четири државни институции откако биле пријавени нарушувања на безбедноста на личните податоци како резултат на рансомвер (runsomwate) напади.

„Во сите четири случаи Агенцијата утврди повреди на прописите за заштита на личните податоци“, велат од Агенцијата.

Меѓу повредите кои биле констатирани кај овие државни институции е дека контролорите не примениле технички и организациски мерки односно немале донесено политики за системот за заштита на личните податоци. Немало процедура за нарушување на безбедноста на податоците и за управување со инциденти, недостигал План за едуцирање на раководството и овластените лица за обврските за заштита на податоците. Исто така, немало внатрешна контрола на информацискиот систем и ниту систем за документирање на нарушувањата на безбедноста на личните податоци.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG