Достапни линкови

Мобилизација на кинеската нација за контрашпионажа


илустрација
илустрација

Кинеското Министерство за државна безбедност ги повика сите граѓани да почнат да шпионираат за да ја заштитат националната безбедност на земјата, што е главен приоритет на лидерот Кси Џинпинг.

Експертите веруваат дека овој потег ја сигнализира несигурноста на кинеското раководство и може да ги наведе граѓаните да се демнат едни со други.

Повикот следи по проширувањето на кинескиот закон за контрашпионажа што стапи на сила во јули. Овој закон предизвикува загриженост поради можното влијание врз странските компании, новинарите и академската заедница, пишуваат светските медиуми.

Соединетите Држави изразија загриженост поради поканата на Кина до нејзините граѓани да се приклучат на контрашпионажата, велејќи дека внимателно го следат спроведувањето на проширениот кинески закон за антишпионажа, истакнува Ројтерс.

Кинеското Министерство за државна безбедност, главната агенција задолжена за странско разузнавање и контрашпионажа, еден ден претходно соопшти дека Кина треба да ги охрабри своите граѓани да учествуваат во контрашпионажа.

Создаден е и посебен канал за социјални медиуми за поединци кои сакаат да пријават сомнителна активност.

Ова следи по проширувањето на кинескиот закон за контрашпионажа кој стапи на сила во јули и забранува пренос на информации за кои се смета дека се поврзани со националната безбедност. По ова, САД предупредија дека странските фирми во Кина може да бидат казнети за редовно работење.

„Секако, охрабрувањето на граѓаните да се шпионираат едни со други е нешто што предизвикува голема загриженост“, рече портпаролот на Стејт департментот Мет Милер.

Тој нагласи дека САД внимателно ја следат имплементацијата на новиот кинески закон за контрашпионажа „кој во голема мера го проширува опсегот на активности кои се сметаат за шпионажа“.

Новиот закон им дозволува на властите кои спроведуваат контрашпионски истраги да добијат пристап до податоци, електронска опрема и информации за лична сопственост, истакнува Ројтерс во друг текст.

Во последниве години, Кина уапси и приведе десетици кинески и странски државјани под сомнение за шпионажа, вклучувајќи го и извршниот директор на јапонскиот производител на лекови Astellas Pharma во март, додека австралискиот новинар Ченг Леи, кого Кина го обвинува за оддавање државни тајни на друга земја, е во притвор од септември 2020 година.

Тврдењето на Кина дека е под закана од шпиони доаѓа во време кога западните земји, особено САД, ја обвинуваат Кина за шпионажа и сајбер напади, што Пекинг го негира.

„Најважно е да се заштити лидерството и владејачката позиција на кинеската комунистичка партија и социјалистичкиот систем со кинески карактеристики“, напиша министерот за државна безбедност Чен Јиксинг во текст за кинески правен весник во јули, нагласувајќи дека политичката безбедност е врвен приоритет на националната безбедност.

Несигурност на кинеското раководство

Кинеското Министерство за државна безбедност објави дека е неопходно да се воспостави систем кој ќе го нормализира учеството на јавноста во контрашпионажните активности и дека владата треба да го пофали и награди секој што учествува во шпионирање, пишува Тајмс.

Во своето прво официјално соопштение на популарната кинеска платформа за социјални медиуми WeChat, Министерството истакна дека не е доволно телата за национална безбедност да внимаваат на потенцијално сомнително однесување, туку дека се потребни и граѓани да му помогнат на Пекинг да изгради цврста линија на одбрана.

„Националната безбедност е основата на националното повторно раѓање, а социјалната стабилност е предуслов за силна нација. Спроведувањето на антишпионските закони и воспоставувањето на одбранбена линија на националната безбедност формирана од луѓе бараат повеќеслоен пристап и заеднички напори“, се вели во извештајот.

Експертите велат дека најавата, која доаѓа во време на очигледна чистка во врвот на кинеската Комунистичка партија, како и на зголемената недоверба меѓу Пекинг и многу од неговите соседи и западните земји, може да ја поткопа довербата во општеството со охрабрување на луѓето да го следат секој.

Коментирајќи го повикот на кинеското Министерство за безбедност, Јан Чонг, политиколог од Националниот универзитет во Сингапур, рече дека видот на шпионирање може да го зголеми ризикот од „произволна акција од страна на органите за спроведување на законот и правниот систем“.

„Со неочекуваното отстранување на високи функционери во последниве денови, повикот на Министерството за национална безбедност на социјалните мрежи, исто така, може да сугерира дека раководството на Кина се чувствува несигурно“, додаде тој.

Ширум Кина, пишува Тајмс, масовниот надзор се користи за следење на граѓаните и е модерна форма на контрола што се користи за време на Културната револуција во 1960-тите и 1970-тите. Во тој период, на организирани собири, граѓаните ги осудуваа другите, меѓу кои и наставниците, пријателите и родителите.

Еден од обвинетите во тоа време беше Си Зонгсун, татко на актуелниот кинески лидер Кси Џинпинг.

Проширена дефиниција за шпионажа

Објавата на Министерството за безбедност на WeChat ги наведе новите амандмани на законот за контраразузнавање донесен од кинескиот законодавен дом претходно оваа година, кои стапија на сила на 1 јули, посочува Си-Ен-Ен.

Беше наведено дека во едукацијата против шпионажа треба да учествуваат и медиумските компании, радиодифузерите, телевизиските станици, културниот сектор како и оние кои обезбедуваат интернет услуги.

Кина усвои сеопфатен закон за контрашпионажа во 2014 година, за кој некои експерти велат дека е веќе „двосмислен и силен“.

Последните амандмани, посочи Си-Ен-Ен, ја проширија дефиницијата за шпионажа од државни тајни и разузнавачки податоци на сите „документи, податоци, материјали или предмети поврзани со националната безбедност и интереси“, без да се наведат конкретни параметри за дефинирање на овие поими.

Загриженост на САД

Овој потег предизвика загриженост кај аналитичарите за неговото потенцијално влијание врз странските компании, како и врз новинарите и академиците, кои би можеле да се соочат со правни ризици и несигурност за нивната работа.

Пред да стапи на сила законот на почетокот на оваа година, кинеските власти ја затворија канцеларијата на Минц Груп, американска фирма за деловни анализи во Пекинг и приведоа пет локални вработени. Американската консултантска фирма Bain & Company, исто така, рече дека кинеската полиција го испрашувала персоналот во нејзините канцеларии во Шангај во април.

Кинеските власти со години преку пропаганда и кампањи ја охрабруваат јавноста да дава информации за луѓе за кои се сомневаат дека се странски шпиони и за нивни кинески соработници. Сепак, истакнува Си-Ен-Ен, тие напори се забрзани под претседателот Џинпинг, кој ја направи националната безбедност главен приоритет.

Официјални и државни медиуми долго време нагласуваат дека Кина е под сериозна, постојана закана од „непријателски странски сили“, кои наводно сакаат да се инфилтрираат и да ја поткопаат земјата. Таа порака доби на интензитет како што се влошија односите со западните сили.

XS
SM
MD
LG