Достапни линкови

Работниците протестираат за плати, политичарите во кампања за гласови


Протест пред Министерствотот за здравство
Протест пред Министерствотот за здравство

Приватните специјализанти денеска повторно протестираа, откако не прифатија нивните барања да се решаваат по изборите. Најави за радикализирани протести има од „Национални шуми“, „Водостопанство“, „Македонски пошти“, во време кога партиите во кампањата ветуваат повисоки плати и подобар стандард

Некој бара неисплатена плата, некој бара повисока плата и сите обвинуваат дека државата е најлош работодавач во моментов. Неколку тековни штрајкови, најави за радикализирање на незадоволството и генерален протест на Сојузот на синдикати (ССМ) на 1 мај е предизвикот што синдикалните организации ѝ го поставија на Владата, среде двете предизборни кампањи за претседателските избори во среда, на 24 април и парламентарните избори и евентуален втор круг претседателски избори на 8 мај.

Ова е првпат да има толку штрајкови и протести во време на кампања и пред Влада која има само технички мандат да ги спроведе изборите.

Од почетокот на кампањата, штрајкуваа или уште штрајкуваат приватните специјализанти на клиниките, вработените во културните институции, вработените во „Македонски шуми“, во „Водостопанство“ и здравствените работници.

Пред одлука за радикализирање на незадоволството, како што се „Македонски пошти“, „Паркови и зеленило“ и „Водостопанство“, најави Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП.

ССМ веќе најави генерален протест на 1 мај, Денот на работниците.

Што ќе добијат пред избори?

На прашање што очекуваат од влада која нема мандат да носи крупни одлуки, од синдикалните организации велат дека проблемот е што некои институции не исплаќаат ниту плати, што спаѓа во редовни месечни обврски.

„Ако до 15 април не добиете плата за март, нормално дека на 16 април ќе си го барате заработеното“, велат вработени во културата кои минатата недела протестираа поради неисплатена мартовска плата.

„Станува збор за владини институции. Недозволиво е ова да ни се случува, 15 денови пред избори. Да барате наш глас, а да не нѐ плаќате како што треба. Зборуваме за плата што сме ја одработиле, а не за мито и за корупција“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Економскиот аналитичар Арбен Халили, пак, смета, дека техничка влада не може да одговори на никакви барања во овој период.

„Нема да откриеме ништо ново ако кажеме дека зад вакви протести пред избори често има политичка заднина. Не знам зошто се штрајкува во тек на кампања и пред техничка влада, кога никој министер не може ништо да вети. Кој што сега и да им вети на луѓето што штрајкуваат, тоа ќе биде чиста лага, а зошто некој би сакал така да биде излажан?“ изјави Халили за РСЕ.

Арбен Халили, економски аналитичар
Арбен Халили, економски аналитичар

Во некои институции чии вработени штрајкуваат не ги добиле мартовските плати, а други не го добиле ветеното зголемување на плати.

„Ние сме тука да упатиме порака на сите оние кои ќе го бараат гласот од овие луѓе. Тие застанаа по плата и по ништо друго. Утре некој ќе го бара нивниот глас на изборите. Како ќе го добие, се зависи од тоа што ќе им даде на овие луѓе“, рече Трендафилов од протестот на културните работници.

„5 до 12“ за приватните специјализанти

По четири дена протест во кругот на Клинички центар, приватните специјализанти денеска (22 април) револтот повторно го изразија пред Министерството за здравство - симболично во 5 минути до 12 часот.

Најавија дека од утре привремено ќе го стават генералниот штрајк во мирување поради пациентите, сензитивноста на периодот и отежнатата работа на клиниките во комплексот „Мајка Тереза”, но секој вторник за време на паузата ќе излегуваат во паркот пред интерните клиники за да потсетат дека треба да се решат нивните барања.

Тие бараат надомест во износ на просечна плата, наместо сегашните по 26.000 денари месечно, регулирање на нивниот статус и здравствено осигурување.

Владата на седница на 17 април донесе одлука проблемот со нивните плати да се решава по изборите. Тоа е неприфатливо за специјализантите.

„Затоа што, доколку овие 400 приватни специјализанти не ги добијат своите барања, јас сум сигурна дека на половина од нив, веќе, во некој ќош дома им стои куферот и чекаат само да го спакуваат и да заминат“, изјави доктор Христина Илиоска Чешлароска во име на приватните специјализанти.

Таа реагираше на изјавата на министерот за здравство, Илир Демири, кој рече дека зад штрајкот гледа политичка позадина.

„Срамно е еден доктор да нема здравствено осигурување и нема ниедна политичка партија која треба да не мотивира за да ние си ги бараме правата. Јас лично немам ниту една книшка од партија, единствена книшка што јас ја имам дома е крводарителска книшка“, изјави Илиоска Чешлароска.

За другите барања, од Министерството за здравство велат дека „дел од приватните специјализанти веќе имаат здравствено осигурување и се во работен однос, додека пак 10 отсто од приватните специјализанти немаат здравствено осигурување од причини што или не се јавиле во подрачните служби или не го исполнуваат условот од аспект на остварените приходи бидејќи добиваат паричен надомест.“

Синдикат на култура: Или денес плата, или протест во петок

Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) го одложи за денес најавениот протест пред Министерството за култура, заради неисплатена на плата за март за 3.000 вработени.

Иако од СОНК соопштија дека почнуваат процедура и организација на генерален штрајк во сите установи од дејноста култура, викендов ја стави оваа одлука во мирување.

„Врз основа на информациите од високи владини функционери дека платата во дејноста култура ќе биде зголемена за 12 отсто и ќе се исплаќа од понеделник, 22 април, Советот на СОНК констатира дека е исполнето барањето на СОНК. Доколку од споменатиот ден не се реализира исплатата на платата за март, протестот ќе се одржи во петок, 26 април, а во меѓувреме ќе се забрзаат подготовките за стапување во штрајк на вработените во културата“, соопштија од СОНК.

Согласно усогласувањето на платите со минималната плата во државава, мартовската плата за културните работници требаше да биде зголемена за 12 отсто. Од синдикатот велат дека пресметките се изготвени од установите за култура, но нема одобрување од Министерството за финансии и покрај ветувањата на ресорната министерка Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Врие во „Национални шуми“, „Македонска пошта“ и „Водостопанство“

Вработени во 30 подружници на ЈП „Национални шуми“ минатата недела протестираа пред дирекцијата на претпријатието, бидејќи втор месец немаат плата и не им се исплатува ниту теренскиот додаток. Станува збор за околу 1.800 вработени, кои бараат исплата на платите веднаш или, во спротивно, во содејство со синдикатите, ќе го радикализираат протестот, следниот пат пред Владата.

И долготрајното незадоволство со состојбите во „Македонска пошта“ минатата недела резултираше со нови најави за протести и штрајк.
Синдикатот на прес-конференција пред Владата порача дека во тек се консултации за организирање нов протест и почнување постапка за штрајк, откако по минатомесечниот протест не добиле одговор на барањата за состанок со Управниот одбор и со Владата.

Синдикалните претставници на „А.Д. Водостопанство“ во петокот (19 април)на мирен протест пред дирекцијата и 14-те подружници на ова акционерско друштво кажаа дека не ја добиле платата за март и најавија дека во наредниот период ќе го радикализираат протестот.

На 8 април протестираа здравствените работници, кои побараа веднаш по формирањето на новата влада да се потпише анексот на Колективниот договор за здравствената дејност кој го подготви Самостојниот синдикат за здравство, а со кој требаше да се зголемат платите на сите вработени во дејноста.

И тие најавија помасовни протести ако не им се исполни барањето.

ССМ пак, подготвува голем протест на 1 мај. Од Синдикатот најавија дека протестот ќе биде за најмалку 450 евра минуимална плата во првите 100 дена на новата Влада, за враќање на правото на храна и превоз одземени во 2009 година.

На ова работничко незадоволство му претходеа штрајкови и протести и летото и есента во минатата 2023 година. Тогаш протестираа пензионерите, здравствените работници, администрацијата во судовите и обвинителствата, вработените во Фондот за здравствено осигурување и вработените во Канцеларијата на Народниот правобранител, сите за певисоки плати и пензии.

Светската банка во редовниот Економски извештај за Западен Балкан во Северна Македонија наведува дека се намалуваат инфлаторните притисоци поради соодветен одговор на политиките на државата, но посочува дека гледат ризик во зголемување на платите кои не се во согласност со продуктивноста.

Просечната плата во Северна Македонија достигна 39.524 денари, а минималната околу 22.500 денари, но четиричлено семејство со една просечна и една минимална плата едвај ја покрива синдикалната кошничка.

Во исто време, во ек на предизборната кампања, двете најголеми партии ветуваа подобар стандард за граѓаните. СДСМ вети дека во следните години ќе ја зголеми просечната плата на над 1.000 евра, а минималната на 600 евра. ВМРО-ДПМНЕ ветува дека ќе ги зголемува континуирано платите со растот на економијата.

XS
SM
MD
LG