Достапни линкови

Судирот за СВР Тетово и стравувањата за фер и безбедни избори


Илустрација
Илустрација

Изборната изборна единица шест, која го опфаќа тетовско-гостиварскиот регион е најважна за партиите од албанскиот блок затоа што им носи најмногу пратеници. Имено, недобивањето „амин“ за промена на началникот на СВР Тетово, како што сакаше министерт за внатрешни работи Тошковски, и неговите најави за зголемено полициско присуство ги подгреа стравувањата за фер и безбедни избори во регионот. Некои аналитичари, сепак, не очекуваат инциденти.

На три недели пред одржувањето на првиот круг од претседателските избори (24 април), власта и опозицијата се уште ги кршат копјата околу поставувањето на началник на СВР - Тетово.

Сите предлози на техничкиот министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски, добија потпис дури и од дополнителниот заменик министер од редовите на СДСМ, Митко Бојмацалиев, но, од Владата, чиј прв човек е Талат Џафери од ДУИ не го одобрија само предлогот за СВР Тетово.

Ваквиот потег го отвори прашањето зошто на ДУИ толку и е важно да дозволи промена на сите началници на СВР освен на началникот Шефик Бајрами во Тетово. Но, и дали е најава за некакви сценарија со оглед на тоа што самата партија споменува „руско сценарио“ и „политичка криза“ во своите настапи?

Според аналитичарите, изборната единица шест која го опфаќа тетовско - гостиварскиот регион е најважна за партиите од албанскиот блок, бидејќи таму ги добиваат најголемиот број на гласови и пратеници.

Сепак, политичкиот аналитичар Синиша Пекевски не очекува некакви изборни манипулации или проблеми во тој регион бидејќи како што вели во текот на изборниот процес ќе има многу набљудувачи, партиски претставници, ОБСЕ и полиција и не е можно било каков инцидент.

„Промената на началникот е само изборен фолклор и покажување сила некаква, која нема никаква импликација врз изборниот циклус. Некакво “руско сценарио“ кое го говори ДУИ е само во нивните глави и додворување кон САД и ЕУ иако реално не ја гледам таа потреба. Верувам дека на ДУИ им е јасно дека ке ги изгубат изборите и сега со сите можни сили и ресурси се трудат да направат нешто, ама мислам дека се прочитана книга и граѓаните од албанската националност ја изгубија довербата во нив“, вели Пекевски.

Меѓу изборните теми кои ги наметнуваат политичките партии, дел од нив ја спомнуваат Русија и нејзиното влијание. Најекстремни, се чини се обвинувањата на ДУИ за руско сценарио за политички немири по 8 мај.

Зголемено полицицско обезбедување

По неуспешниот обид на Тошковски за смена на началникот во СВР Тетово, техничкиот министер најави дополнително полициско присуство на изборите во тој регион.

РСЕ испрати и прашања до Бирото за јавна безбедност за каква е безбедносната состојба и дали ќе има дополнително полициско присуство во тетовско-гостиварскиот регион.

Од БЈБ за РСЕ велат дека како и за секој изборен процес, така и за овие двојни избори ќе се формира оперативен штаб за изборите да поминат во најдобар ред.

„Бирото за јавна безбедност, врз база на претходни анализи и проценки, ќе ги преземе сите неопходни мерки, како што тоа беше случај и во изборните процеси во последните неколку години, за претседателските и парламентарните избори 2024 година да поминат во најдобар ред“, одговорија од МВР за РСЕ.

Во интервјуто за РСЕ, министерот Тошковски изрази сомнежи околу поставувањето на нов началник на СВР Тетово кратко време пред неговото доаѓање на функцијата и неодобрување од Владата за тој да биде сменет.

„Дали не е сомнително, зошто човек кој до пред месец дена бил на повисока позиција во МВР и со плата и со бодови, е преместен да биде токму началник на СВР Тетово“, изјави Тошковски во интервјуто.

На прашањето дали добил гаранција дека СВР Тетово нема да се злоупотребува за изборниот процес одговори потврдно.

„Да вербално добив гаранција, но кога ја гледате пошироката слика генералната слика, овие клучни делови од мозаикот не може да не ви создадат сомнеж. При тоа на овој прв чекор да следува втор каде што Владата ќе го крши законот и да не го смени“, одговори Тошковски.

На месец и половина пред назначувањето на Тошковски за технички министер, во СВР Тетово за началник е назначен Шефик Бајрами, кој бил на повисока работна позиција и доаѓа од Бирото за јавна безбедност.

Иако стави врзан потпис за нов началник на СВР Тетово, неговиот заменик министер Митко Бојмацалиев посочи дека актуелниот началник на СВР Тетово е исклучително професионален човек.

„Порано беше помошник директор. Мислам дека началникот ја познава ситуација од полициска гледна точка, го познава теренот и мислам дека одлично ќе ги менаџира изборите таму“ , изјави дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев по најавата на Тошковски дека во Тетово и Гостивар ќе има зголемено присуство на полиција на изборниот ден.

Врз основа на законските одредби во периодот на техничката влада, со доаѓањето на функцијата на технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски предложи смена на 15 началници и нивни заменици.

Овие кадровски промени се законско право на техничкиот министер за внатрешни работи, за да обезбеди оперативно функционирање на министерството до изборите до истекот на неговиот мандат.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG