Достапни линкови

Вести

Тел Авив: Израелски воздушни напади врз појасот Газа

Израелски авиони денеска извршиле напад врз позиции на Хамас во Појасот Газа. Агенциите, повикувајќи се палистински извори, јавуваат дека биле нападнати триесетина цели и оти притоа загинале дваесетина палестинци. До ова дојде откако палестинските милитанти ги продолжија гранатирањата врз Израел. Претходно, Израел ги отвори граничните премини кон Појасот Газа по што им беше доставена хуманитарна помош на милион ипол луѓе кои живеат таму.

види ги сите денешни вести

Кинескиот претседател Си Џинпинг во дводневна посета на Белград

Граѓаните на Белград поминуваат покрај кинеското знаме поставено пред посетата на кинескиот претседател Си Џинпинга во главниот град на Србија, 7 мај 2024 година.
Граѓаните на Белград поминуваат покрај кинеското знаме поставено пред посетата на кинескиот претседател Си Џинпинга во главниот град на Србија, 7 мај 2024 година.

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска, 7 мај, пристигнува во дводневна посета на Србија.

За време на втората посета на Србија во последните осум години, Си ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, а се очекува да разговара за широк спектар на теми - од политички, економски и технолошки до соработка во областа на културата.

Најавено е потпишување на повеќе од 30 договори, а претставниците на двете земји посетата ја опишуваат како „јакнење на челичното пријателство“, што се рефлектира во инфраструктурната соработка, но и сојузништво во политичките прашања.

Радио-телевизијата на Србија јавува дека се преземени опсежни безбедносни мерки и дека 400-члената делегација на Си ќе ја штитат околу 3.400 припадници на безбедносните сили.

Пред доаѓањето на кинескиот претседател, Белград беше украсен со знамињата на Србија и Кина, а на рутата од аеродромот до центарот на градот беа поставени пораки за добредојде на српски и кинески јазик.

Точниот распоред на пристигнувањето на Си не е објавен.

Како што е најавено, авионот на кинескиот претседател од моментот на влегување во воздушниот простор на Србија ќе биде придружуван од ловци МиГ-29, а на аеродромот во Белград во негова чест ќе биде построена гарда на вооружените сили на Србија.

Ден подоцна ќе биде организиран и свечен пречек на делегацијата пред Палатата Србија.

За вториот ден од посетата предвидена е билатерална средба меѓу Вучиќ и Си, средби меѓу делегациите и потпишување договори.

ДИК: Тече гласањето за затворениците, болните лица и дијаспората

Претседателски избори 2024 (Илустративна фотографија)
Претседателски избори 2024 (Илустративна фотографија)

Во Северна Македонија денеска, 7 мај, во тек е гласањето на болните и немоќни лица, затворениците, лицата сместени во установите за вонсемејна грижа, внатрешно раселените и оние од дијаспората, информираат од Државната изборна комисија (ДИК).

Според информациите на ДИК, право на глас денеска имаат вкупно 11.095 болни за вториот круг претседателски избори, додека за парламентарните избори денеска можат да гласаат вкупно 11.197 болни и немоќни лица.

Исто така, своето право на глас за претседателските избори денеска го остваруваат вкупно 2.147 затвореници, односно 2.140 затвореници.

„Вкупно 534 лица сместени во установите за вонсемејна грижа своето право на глас може да го остварат во вкупно 20 центри за претседателските и парламентарните избори, како и двајца пријавени гласачи евидентирани како внатрешно раселени лица имаат право да гласаат на двата вида избори“, се вели во денешното соопштение од ДИК.

Исто така во 7:00 часот во зависност од временската зона, гласањето започна и во дипломатско конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии во странство каде се гласа само за претседателски избори.

Во дијаспората своето право на глас може да го остварат 2.569 избирачи, во 31 Дипломатски конзуларни претставништва или Конзуларни канцеларии.

Русија го објави името на уапсениот американски војник „обвинет за кражба“

Мост над заливот Златен Рог во далечното источно руско пристаниште Владивосток, 2019 година
Мост над заливот Златен Рог во далечното источно руско пристаниште Владивосток, 2019 година

Судот во Владивосток, руски град на далечниот исток, нареди апсење на наредникот Гордон Блек и го испрати во притвор најмалку до 2 јули, изјави портпаролката на судот Јелена Оленева, пренесува Радио Слободна Европа на англиски јазик (РСЕ).

Блек е „обвинет за кражба“, објави Комерсант, повикувајќи се на Оленева.

Максималната казна за тоа обвинение е пет години затвор.

Западните медиуми претходно објавија дека американски војник е уапсен во Русија и обвинет за кражба, откако отпатувал таму од Јужна Кореја, каде што бил стациониран, без да ги информира претпоставените.

Портпаролката на американската војска Синтија Смит во изјава на 6 мај потврди дека војникот, кој не беше идентификуван, бил уапсен четири дена претходно во Владивосток, под обвинение за кривично дело.

Таа рече дека Русија ги известила САД, а дека војската го известила семејството на војникот. Таа не даде повеќе детали поради „чувствителноста на ситуацијата“.

„Руската Федерација го извести американскиот Стејт департмент за криминален притвор во согласност со Виенската конвенција за конзуларни односи. Војската го известила неговото семејство, а Стејт департментот обезбедува соодветна конзуларна поддршка на војникот во Русија“, рече Смит во изјава.

Официјални лица рекоа дека војникот бил стациониран во Јужна Кореја, каде што американската војска има околу 28 500 војници и требало да се врати дома во Форт Кавазос, Тексас, но наместо тоа, отпатувал во Русија.

Со притворот на војникот се надополнува списокот на американски државјани кои се држат во Русија под различни околности.

Меѓу уапсените се новинарите Алсу Курмашева од РСЕ и Еван Гершкович од Волстрит журнал, кои беа уапсени под обвинение дека нивните работодавци и нивните поддржувачи ги отфрлаат како политички мотивирани.

Во притвор е и Пол Вилан, кој беше осуден на 16 години затвор во 2020 година поради обвиненијата за шпионажа кои тој и американската влада постојано ги негираа.

Во септември 2023 година, Стејт департментот издаде предупредување до граѓаните на САД да не патуваат во Русија, како мерка на претпазливост поради поддршката на Вашингтон за Украина во нејзината борба против руската инвазија.

УНРВА: Израелската операција на преминот Рафа ја загрозува испораката на помош за Газа

Камион на УНРВА на граничниот премин Рафа, Појас Газа
Камион на УНРВА на граничниот премин Рафа, Појас Газа

Агенцијата на ОН за помош и работа со палестинските бегалци (УНРВА) денеска предупреди дека напорите за испорака на хуманитарна помош во Газа може да бидат попречени бидејќи израелските војници утрово ја презедоа контролата врз палестинската страна на граничниот премин Рафа кон Египет.

„Континуираното нарушување на снабдувањето со помош и гориво на преминот Рафа ќе го запре суштинскиот хуманитарен одговор ширум Појасот Газа“, соопшти УНРВА на платформата X.

Во соопштението се додава дека „катастрофалниот глад со кој се соочуваат луѓето, особено во северниот дел на Газа, ќе се влоши доколку се нарушат тие патишта за снабдување“.

Израелската армија потврди дека ја презела контролата врз палестинската страна на преминот Рафа, меѓу Газа и Египет, кој е клучна влезна точка за хуманитарна помош за опколената енклава.

Палестински функционер кажа дека целото движење таму престанало кога израелските тенкови го презеле преминот.

Си-Ен-Ен апелираше до израелската војска да ги соопшти плановите за обезбедување испорака на помошта за Газа.

Извор близок до плановите на Израел изјави за Си-Ен-Ен дека израелската операција во Рафа ќе биде „многу ограничена“ и има за цел да го одржи воениот притисок врз Хамас да се согласи на договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

Истиот извор наведе дека операцијата не е голем упад во Рафа што Израел јавно го соопштува со месеци.

Пред почетокот на оваа последна израелска операција, Хамас, организација која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка, синоќа соопшти дека се согласила на договор за прекин на огнот, а Израел оцени дека во тој документ не се исполнети нивните основни барања во преговорите.

Путин положи заклетва за петтиот претседателски мандат

Рускиот претседател Владимир Путин на свечената церемонија за инаугурација, Москва, 7 мај 2024 година
Рускиот претседател Владимир Путин на свечената церемонија за инаугурација, Москва, 7 мај 2024 година

По петти пат Владимир Путин положи заклетва како претседател на Русија на 7 мај, на церемонијата на започнување на новиот шестгодишен мандат што беше бојкотиран од повеќето западни земји поради неговата војна во Украина и изборната победа што тие ја отфрлија како оркестрирана да му обезбеди убедлив резултат.

Седумдесет и едногодишниот Путин ја положи претседателската заклетва на раскошна церемонија во големата палата Кремљ во Москва, на која присуствуваа високи руски политичари и други достоинственици, иако забележително отсутни беа претставници од САД, Велика Британија, Канада и повеќето членки на Европската Унија.

Говорејќи откако ја положи заклетвата, Путин рече дека нема да го исклучи дијалогот со Западот, но дека тој треба да биде под еднакви услови, додавајќи дека во меѓувреме, Русија е отворена за развој на односите со другите земји што ги нарече „мнозинство во светот“.

Путин, кој владееше како претседател или премиер од 2000 година, треба да го надмине скоро 30-годишното владеење на советскиот диктатор Јозеф Сталин до крајот на неговиот нов мандат и да стане руски лидер со најдолг стаж во периодот од повеќе од два века.

Тој можеше да се натпреварува на изборите во март, каде што освои над 87 отсто од гласовите, користејќи ја предноста од уставните реформи во 2020 година, кои му дадоа право да бара уште два шестгодишни мандати, што значи дека може да остане на функцијата до 2036 година.

Руските избори се строго контролирани од Кремљ и не се ниту слободни ниту фер, но владата ги смета за неопходни за да се пренесе чувство на легитимност. Тие се нарушени со исклучувањето на опозициските кандидати, заплашувањето на гласачите, полнењето гласачки ливчиња и други средства за манипулација.

„Ние секако не ги сметаме тие избори за слободни и фер, но тој е претседател на Русија и ќе продолжи во тоа својство“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер пред инаугурацијата.

Изборите беа први откако Путин ја започна својата војна против соседна Украина во февруари 2022 година, а на двајца антивоени кандидати им беше забрането да се кандидираат против него поради технички прашања.

Во меѓувреме, неговиот најголем политички непријател, Алексеј Навални, почина додека беше во сибирски затвор еден месец пред Русите да излезат на гласање.

„Војна, политички убиства, осиромашување на Русите. Нема просперитет за Русија, нема мир и слобода за нашите граѓани“, рече вдовицата на Навални, Јулија Навалнаја, во објава на социјалните мрежи на 7 мај.

„Нашата земја ја води лажго, крадец и убиец. Но, на ова дефинитивно ќе му дојде крајот“, напиша Навалнаја.

Откако започна целосната инвазија на Русија на Украина, односите меѓу Москва и Западот се влошија на најниско ниво од крајот на Студената војна, при што западните сојузници на Киев ја дадоа својата поддршка зад борбата на Украина за одбивање на убедливо супериорните руски сили.

Претходно, Германија најави дека нема да испрати свој претставник на инаугурацијата на Путин. Делегација на Велика Британија, исто така, не присуствува на денешната церемонија, соопшти Форин Офисот.

„Велика Британија нема да испрати свој претставник на инаугурацијата на претседателот Владимир Путин“, изјави портпаролот на британското Министерство за надворешни работи, пренесен од британските медиуми.

Министерството за надворешни работи на Украина ги повика сојузниците на Киев да не го признаваат Путин како легитимен претседател на Русија.

„Украина не гледа правна основа да го признае како демократски избран и легитимен претседател на Руската Федерација“, се наведува во соопштението.

И Балтичките земји, кои веќе немаат дипломатски претставници во Москва, исто така, категорично ја отфрлија можноста да присуствуваат на инаугурацијата на Путин.

„Ние веруваме дека изолацијата на Русија, а особено на нејзиниот криминален лидер, мора да продолжи“, рече министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис, објаснувајќи ја одлуката на неговата земја да ја бојкотира церемонијата.

Претседателските избори во Русија се одржаа во март, а на нив Путин освои убедлива победа.

Усвоен Планот за раст за Западен Балкан: Две исплати годишно, ако се исполнети условите

илустрација
илустрација

Советот на Европската Унија конечно даде зелено светло за формирање на Фондот за реформи и раст за Западен Балкан, нов инструмент за поддршка на реформите поврзани со ЕУ и економскиот раст во регионот.

Со оваа одлука сите процедури се завршени и веднаш по објавувањето во официјалниот весник на ЕУ, одлуката стапува во сила.

Од тој момент, партнерите од Западен Балкан ќе бидат поканети да ги поднесат своите реформски агенди до Комисијата, во кои ќе бидат наведени социо-економските и фундаменталните реформи што планираат да ги преземат во следните три години.

Главниот збор при одобрувањето на финансиските средства ќе го имаат земјите-членки на ЕУ.

Плаќањата ќе се вршат двапати годишно, под услов партнерите да ги исполнат квалитативните и квантитативните чекори наведени во нивните реформски агенди.

Кога предусловите за поддршка не се исполнети или повеќето од нив не се исполнети, ЕУ може да одлучи да го суспендира ослободувањето на средствата.

Планот за раст за Западен Балкан ќе го покрие периодот помеѓу 2024 и 2027 година. Планирано е да се обезбедат шест милијарди евра за земјите од регионот.

Од оваа сума, две милијарди евра се во форма на грантови, а останатите четири милијарди евра се во форма на заеми со многу поволни рати.

Во соопштението објавено од Советот на ЕУ, се нагласува дека основна цел е да се поддржи усогласувањето на партнерите од Западен Балкан со вредностите, законите, правилата, стандардите, политиките и практиките на ЕУ, со цел идно членство во ЕУ, како и нивна прогресивна интеграција на единствен европски пазар, како и социо-економска конвергенција со ЕУ.

Планирани се финансиски средства за поддршка на голем број социо-економски и фундаментални реформи, вклучително и реформи поврзани со владеењето на правото и основните права.

За да добијат поддршка во рамките на овие инструменти, земјите од регионот мора да подготват Реформска агенда, во која ќе ги наведат реформите што планираат да ги преземат за да ги постигнат целите.

Посебно внимание треба да се посвети на тоа како земјите од Западен Балкан, меѓу мерките од реформската агенда, ќе придонесат за прогресивно и континуирано усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Владата на Косово дозволи замена на српските возачки дозволи за косовски

Автомобили во Северна Митровица, Косово
Автомобили во Северна Митровица, Косово

Владата на Косово соопшти дека Министерството за внатрешни работи донело одлука на граѓаните да им дозволи да ги заменат српските возачки дозволи за косовски.

Возачките дозволи издадени од Србија за градовите во Косово главно ги користат припадниците на српската заедница, додека официјална Приштина ги смета за нелегални документи.

„Веќе долго време добиваме барања за ваква одлука. Сакаме да ги ослободиме нашите граѓани од секојдневните проблеми со кои се соочуваат“, рече премиерот Албин Курти во обраќањето на српски јазик.

Тој изјави дека замената на српските возачки дозволи за косовските „ќе им овозможи на граѓаните полесно да ги регистрираат своите возила со регистарски таблички RKS (Република Косово).

Министерството за внатрешни работи на Косово соопшти дека за преминување во возачка дозвола издадена од косовските институции, нема да биде потребно повторно полагање на тестовите.

Она што треба да се приложи за да се добие косовска возачка дозвола е лична карта, оригинална возачка дозвола издадена од српските власти и потврда за лекарски преглед.

Оваа одлука на Министерството стапува во сила на 9 мај и важи до 9 август 2024 година.

Претходно, косовските власти извршија пререгистрација од српски во косовски регистарски таблички, што наиде на отпор кај српското население во општините на север и ја зголеми тензијата на теренот.

Пред неколку дена Европската Унија објави дека ја поддржува администрацијата врз основа на законите на Косово, но дека прашањето за функционирањето на паралелните српски структури треба да се реши со формирање на Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО).

Унијата е договорена меѓу Косово и Србија во рамките на дијалогот за нормализација на односите и таа треба да обезбеди одредено ниво на самоуправување на припадниците на српската заедница на Косово.

Стотина уапсени на пропалестинскиот протест на Универзитетот во Амстердам

илустрација
илустрација

Холандската интервентна полиција утринава го растури пропалестинскиот протест на Универзитетот во Амстердам, при што уапси околу 125 лица во повремено насилните судири, соопштија властите.

„Полициската рација беше неопходна за да се воспостави ред. Ги гледаме снимките на социјалните мрежи. Разбираме дека тие снимки може да изгледаат интензивно“, соопшти полицијата.

Локалните медиуми покажаа како демонстрантите пукаат со пиротехнички средства кон полицајците, но засега нема извештаи за повредени од двете страни.

„Сега сè е тивко... полицијата останува во близина на кампусот во Ротерсајланд“, соопшти полицијата подоцна на X.

Холaндскиот министер за образование во заминување, Роберт Дијкграф, изјави дека универзитетите се место за дијалог и дебата и дека е разочаран што полицијата морала да интервенира.

Студентските протести поради војната и академските врски со Израел почнаа да се шират низ Европа, но се многу помали од оние во Соединетите Држави.

Трета фаза од изборите во Индија: гласаше и премиерот Моди

Нарендра Моди ги поздравува поддржувачите во Ахмедабад, Индија 7 мај 2024 година
Нарендра Моди ги поздравува поддржувачите во Ахмедабад, Индија 7 мај 2024 година

Индискиот премиер Нарендра Моди го даде својот глас во третата фаза од општите избори во Индија во вторник (7 мај).

Моди, кој учествува на изборите по трет мандат, гласал на избирачко место во западниот индиски град Ахмедабад, во државата Гуџарат, пишува Франс прес.

Во пораката на социјалната мрежа Х, Моди ги повика Индијците да гласаат и на тој начин да ја „зајакнат демократијата“.

Политичките аналитичари ја предвидоа победата на Нарендра Моди уште пред почетокот на изборите, кои се одржуваат од 19 април до 1 јуни, во вкупно седум фази.

БЈП на Моди е против широкиот опозициски сојуз предводен од Индискиот национален конгрес и моќните регионални партии.

Критичарите на премиерот велат дека индиската традиција на различност и секуларизам е нападната откако БЈП дојде на власт пред една деценија.

Тие ја обвинуваат таа партија за поттикнување верска нетрпеливост, а понекогаш и насилство.

Партијата одговара на овие обвинувања со тврдење дека нејзината политика е од корист за сите Индијци.

Речиси 970 милиони гласачи (повеќе од 10 отсто од светското население) избираат 543 членови на Долниот дом. На 4 јуни ќе се бројат гласовите од вкупно 28 држави во Индија.

Израелската армија ја презеде контролата врз преминот Рафа

Израелски тенкови на палестинската страна на граничниот премин Рафа кон Египет, 7 мај 2024 година
Израелски тенкови на палестинската страна на граничниот премин Рафа кон Египет, 7 мај 2024 година

Израелската армија денеска (7 мај) потврди дека нејзината 401-ва оклопна бригада ја освоила палестинската страна на граничниот премин Рафа кон Египет.

Израелските медиуми јавуваат дека патната врска Салах ал-Дин во источниот дел на Рафа, која синоќа во офанзивата ја зазеде бригадата Гивати, сега е прекината.

Во таа операција, според израелската армија, биле убиени околу 20 вооружени лица, а војниците откриле три отвори за тунели.

Во средината на офанзивата било погодено и уништено возило полно со експлозив што се движело кон израелски тенк, соопшти армијата. Во таа операција нема повредени израелски војници.

Војниците сега ја пребаруваат областа и се вели дека се подготвуваат за дополнителни мисии.

Во меѓувреме, повеќе од 50 цели на Хамас во Рафа беа погодени од израелските воздухопловни сили.

Израел го објави почетокот на својата воена операција на Рафа, и покрај предупредувањата од Обединетите Нации, САД и Европската Унија и меѓународните хуманитарни организации дека нападот врз Рафа би бил катастрофален за околу 1,4 милиони луѓе таму.

Израелски функционер во понеделникот изјави дека не е договорен прекин на огнот во Појасот Газа, откако Хамас истиот ден објави дека го прифатил предлогот на египетските и катарските посредници во конфликтот меѓу Израел и Газа.

Израелски функционер оцени дека предлогот што го прифати Хамас е „омекната“ верзија на египетскиот предлог, кој вклучува „далекосежни“ заклучоци што Израел не може да ги прифати.

Војната во Појасот Газа започна кога екстремистите од Хамас, организација која САД, ЕУ и Обединетото Кралство ја сметаат за терористичка организација, на 7 октомври извршија напад врз Израел без преседан, при што загинаа околу 1200 луѓе, главно цивили, според израелските власти.

Хамас киднапираше и околу 250 луѓе, од кои 100 се уште се заробени во Појасот Газа.

Израел потоа започна офанзива на Газа во која досега, според локалното Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас, загинаа повеќе од 34 735 луѓе (две третини од нив жени и деца) и рани повеќе од 78 108 лица.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG