Достапни линкови

Вести

Пекинг: Има уште многу работа пред мировниот самит за Украина

Кинескиот претседател Кси Џинпинг и германскиот канцелар Олаф Шолц во Пекинг, 16 април 2024 година
Кинескиот претседател Кси Џинпинг и германскиот канцелар Олаф Шолц во Пекинг, 16 април 2024 година

Кина соопшти дека има „уште многу работа“ пред да се одржи мировната конференција за војната во Украина во Швајцарија, но не кажа дали ќе присуствува на состанокот.

Кина и Русија ја зајакнаа економската соработка и дипломатските контакти во последниве години, а нивното стратешко партнерство стана посилно по инвазијата на Москва на Украина.

Додека Кина тврди дека е неутрална во конфликтот во Украина и дури се обиде да игра посредничка улога, таа беше критикувана поради одбивањето да ја осуди офанзивата на Москва.

Швајцарската влада минатата недела објави дека ќе биде домаќин на мировната конференција на високо ниво за Украина во средината на јуни, но дека Русија нема да присуствува.

Германскиот канцелар Олаф Шолц по неговите разговори со кинескиот претседател Кси Џинпинг во вторникот (16 април) во Пекинг изјави дека се согласиле „интензивно и позитивно да ја координираат“ промоцијата на таа конференција.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави најавата, велејќи дека Кина може да помогне да се постигне „праведен мир“ за неговата земја.

Меѓутоа, Кина во средата одби експлицитно да потврди дека ќе учествува на собирот, велејќи дека Кси ја поддржал конференцијата „признаена од Русија и Украина“ и дека „има уште многу работа“ пред да се одржи.

Кси „го поддржува свикувањето на меѓународна мировна конференција во догледно време... со еднакво учество на сите страни“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џијан.

„Кина верува дека секој конфликт на крајот мора да се реши преку дипломатски канали и политички преговори“, додаде Лин, наведувајќи дека „единствениот излез од украинската криза е на преговарачката маса“.

Шолц, исто така, во вторникот рече дека го повикал Кси да го искористи своето влијание врз Русија за да изврши притисок врз неа да стави крај на „бесмислената“ војна во Украина и да ги повлече војниците од соседната земја.

„Зборот на Кина има тежина во Русија“, рече тој.

Кинеската државна телевизија CCTV соопшти дека Кси навел „четири принципи за спречување на украинската криза да излезе од контрола и да го врати мирот“.

Земјите мора да се фокусираат на „одржување мир и стабилност и да се воздржат од барање себични придобивки“, како и „да ја смират ситуацијата и да не долеваат масло на огнот“, рече Кси.

„Мораме да создадеме услови за враќање на мирот и да се воздржиме од дополнително влошување на тензиите“, изјави Кси, додавајќи дека треба да се направат напори за „да се намали негативното влијание врз светската економија“.

„Четирите принципи“ наликуваат на предлогот на Пекинг минатата година во кој се бараше „политичко решение“ на конфликтот, што според западните земји може да и дозволи на Русија да задржи голем дел од територијата што ја зазеде во Украина.

види ги сите денешни вести

Чешка ќе ја зголеми старосната граница за пензионирање

Илустрација, Прага, Чешка
Илустрација, Прага, Чешка

Зголемување на старосната граница за пензионирање и намалување на висината на пензиите за идните пензионери се дел од реформите кои ги донесе чешката влада. Целта на владините реформи е заштеда од милијарди долари буџетски средства.

Со овие реформи старосната граница се поместува за седум месеци, односно од 65 години на 65 години и седум месеци, а пензиите за идните пензионери се намалени за околу осум отсто во однос на сегашниот износ на пензиите, јавуваат новинските агенции.

Чешка се соочува со притисок врз нејзиниот фискален систем поради стареењето на населението, зголемувањето на животниот век и ниската стапка на наталитет.


„Промените ќе го спречат колапсот на пензискиот систем и ќе обезбедат достоинствени пензии за денешната млада генерација“, изјави чешкиот премиер Петр Фијала.

Реформата што ја воведе десноцентристичката чешка Влада има за цел да го одржи просечното време што граѓаните го поминуваат во пензија на околу 21 година, што значи дека во иднина, заедно со промената на животниот век, ќе се промени и возраста за пензионирање.

Србија најави унапредување на соработката со Кина

Архивска фотографија, Претседателот на Кина Си Џинпинг и претседателот на Србија Александар Вучиќ, 17 октомври 2023 година.
Архивска фотографија, Претседателот на Кина Си Џинпинг и претседателот на Србија Александар Вучиќ, 17 октомври 2023 година.

Српската Влада соопшти дека на седницата на 30 април ги усвоила актите потребни за унапредување на соработката со Кина.

„Донесени се документи од областа на образованието, науката, иновациите, технолошкиот развој, како и економско-техничката соработка во областа на инфраструктурата“, се наведува во владиното соопштение.

Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе ја посети Србија на 7 и 8 мај.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека за време на посетата на Си, Белград ќе „иницира проекти за забрзан технолошки развој во оние сфери во кои нема доволно знаење, од роботика, сателитска технологија, летечки автомобили до многу други работи“.

Последен пат Си Џинпинг беше во официјална посета на Србија во 2016 година. Сега доаѓа во Белград на годишнината од бомбардирањето на кинеската амбасада при интервенцијата на НАТО во СР Југославија.

Претседателот на Кина во Белград пристигнува на покана на Вучиќ. Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји изјави дека Пекинг со нетрпение ја очекува оваа посета, како уште една можност за зацврстување на „железното пријателство“ со Србија.

Казахстански новинар обвинет за хулиганство поради видео поврзано со поплави

Казахстанскиот новинар Раул Упоров
Казахстанскиот новинар Раул Упоров

Полицискиот оддел во регионот на Западен Казахстан за сервисот на Радио Слободна Европа на 30 април изјави дека новинарот Раул Упоров, кој опширно известуваше за тековните невидени поплави во градот Орал, е обвинет за хулиганство.

Еден ден претходно, Упоров на Фејсбук објави дека полицијата насилно го одвела во полициска станица за официјално да го обвини за некој „административен случај“.

Тој подоцна рече дека случајот против него бил покренат поради неговото онлајн видео за одлуката на локалниот оддел за итни случаи да им забрани на новинарите да ги посетуваат областите погодени од поплавите и да ја известуваат јавноста од такви места.

Одделот ја објасни одлуката наведувајќи ги „безбедносните мерки на претпазливост“, додека Упоров остро ја критикуваше одлуката во видеото што го направи за поплавите, објавено на Инстаграм. Полицијата соопшти дека некои од зборовите што ги употребил Упоров во видеото ги сметала за „вулгарни“ и поднела пријава за хулиганство против репортерот.

Во меѓувреме, ситуацијата околу поплавите предизвикани од наглото топло време што доведоа до масовно топење на снег кон крајот на март останува комплицирана во западниот регион Атирау.

Казахстанското Министерство за вонредни состојби соопшти на 30 април дека спасувачките тимови од 10 региони и воениот персонал остануваат во регионот Атирау за да го надгледуваат секој час нивото на водата во реката Жаик.

Претходно, Министерството соопшти дека од евакуираните по поплавите, досега 38.521 луѓе се вратиле дома, додавајќи дека некои од спасувачките тимови и воениот персонал распоредени да им помогнат на регионите погодени од поплавите почнале да заминуваат бидејќи нивото на водата почнало да се намалува.

Севкупно, околу 120.000 луѓе, вклучително и 44.000 деца, беа евакуирани од подрачјата погодени од поплавите. Најмалку пет лица загинаа во Казахстан за време на поплавите, додека најмалку четири се водат како исчезнати од почетокот на април.

Трамп казнет со девет илјади долари поради непочитување на судот

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска (30 април) е казнет со 9.000 долари за непочитување на судот, затоа што во судницата во Њујорк постојано ја прекршувал забраната за коментирање на судскиот процес во јавноста, односно давање јавни изјави за сведоци, поротници . Станува збор за судскиот процес против Трамп за за тајна уплата на пари на порно актерката Сторми Даниелс.

Судијата Хуан Мерџан изјави дека доколку го направи тоа повторно, може да биде испратен во затвор. Судијата Мерчан посочи дека паричната казна можеби не е доволна за да послужи како пречка за богатиот бизнисмен, кој стана политичар, и жали што нема овластување да наметне повисока казна.

„Трамп со ова е предупреден дека судот нема да толерира континуирани намерни прекршувања на неговите законски наредби и дека, доколку е потребно, ќе изрече затворска казна“, се вели во одлуката на судијата.

Одлуката е остро предупредување за поранешниот републикански претседател, кој инсистира дека само го користи своето право на слобода на говор. Според забраната, Трамп не смее да дава, или да наложува други да даваат јавни изјави за сведоците на судењето, обвинителите и членовите на судскиот персонал.

Судијата ја донесе одлуката на почетокот на втората недела од сведочењето во историскиот процес против поранешниот претседател. Обвинителите на Менхетен тврдат дека Трамп и неговите соработници се вклучиле во нелегална шема за да влијаат на претседателската кампања во 2016 година, спречувајќи негативните приказни за него да стигнат до медиумите и јавноста.

Според одлуката, поранешниот претседател е казнет со илјада долари за секоја од онлајн изјавите, за кои судијата Мерџан, заклучил дека се кршење на забраната. Трамп мора да ја плати казната до крајот на работниот ден во петок, и ќе мора да отстрани седум навредливи објави од својот профил на социјалната мрежа „Трут сошл“ и две од неговата веб-страница на кампањата до вторник во 14:15 часот, се вели во судката одлука.

На судењето на Трамп во вторник, ќе сведочи третиот сведок на обвинителството, Гери Феро, банкар кој му помогна на поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, да ги отвори спорните сметки.

Приведени 58 луѓе во Турција, осомничени за провокации на Денот на трудот

Архивска фотографија од протести на Први мај, Денот на трудот во Турција
Архивска фотографија од протести на Први мај, Денот на трудот во Турција

Во полициската акција „Боздоган - 33“ се приведени вкупно 58 луѓе во различни делови на Турција, поради сомнение дека се вмешани во подготовка на провокации по повод Денот на трудот – 1 мај, напиша на социјалната платформа Х порано позната како Твитер, турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

Полициската акција е спроведена во вкупно 11 турски окрузи – Истанбул, Дијарбекир, Адана, Анталија, Билеџик, Мардин, Батман, Мугла, Муш, Шанлиурфа и Ван.


Во акциите во Анталија и во Измир, уапсени се четворица осомничени, за кои полицијата тврди дека на социјалните мрежи вршеле пропаганда во корист на левичарски терористички организации.

„Нема да дозволиме да се толерира ниту еден терорист. Со континуираните напори на нашите безбедносни сили ќе продолжиме со нашата решителна борба сè додека не се неутрализира и последниот терорист во име на мирот, единството и солидарноста на нашиот народ“,напиша министерот Јерликаја.

Министерот за внатрешни работи вчера соопшти дека властите забрануваат организирање демонстрации по повод 1 мај на централниот плоштад Таксим во Истанбул.

Уапсени се 5 Руси осомничени за подметнување пожар на хеликоптер

Архивска фотографија од рускиот хеликоптер Ка-32
Архивска фотографија од рускиот хеликоптер Ка-32

Московскиот суд на 30 април им одреди притвор од најмалку два месеци за пет млади лица осомничени за подметнат пожар на хеликоптер Ка-32 во предградието на руската престолнина.

Анастасија Молчалина, Станислав Хамидулин, Никита Булгаков, Роман Јаковец и Даниил Јамсков беа обвинети за тероризам и се соочуваат со затворска казна до по 20 години доколку бидат прогласени за виновни.

Полициските инспектори тврдат дека водачот на групата, Хамидулин, бил регрутиран од украинските разузнавачи. Рускиот суд не соопшти како се изјасниле осомничените по сослушувањето при изрекувањето на мерка притво.

На 26 април, украинското воено разузнавање (ГУР) објави видео на Јутјуб на кое се гледа како што рече, подметнувањето пожар.

Турција одобри екстрадиција на Љупчо Палески- Палчо

Архивска фотографија, првоосомничениот за двојно убиство Љупчо Палески - Палчо.
Архивска фотографија, првоосомничениот за двојно убиство Љупчо Палески - Палчо.

Турскиот суд ја одобри екстрадицијата на македонскиот државјанин, првоосомничениот за двојно убиство Љупчо Палески - Палчо. Од македонското министерство за правда соопштија дека денеска ( 30 април ) им пристигнало официјално известување од Турција дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.

Во соопштението од Министерството нема повеќе детали за тоа кога и како ќе биде спроведена екстрадицијата. Од Јавното обвинителство соопштија дека екстрадицијата ќе биде спроведена преку Министерството за внатрешни работи.

Како првоосомничен за грабнувањата и убиствата на малолетничката Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Женовски, Палевски на 5 декември беше уапсен во градот Балибекир во Турција.

По одлуката на Турција за екстрадиција, преземањето на Палчо ќе треба да се реализира преку канцелариите на Интерпол во рамки на министерствата за внатрешни работи. Двете држави имаат воспоставено соработка за екстрадиција, а имаат и меѓусебен Договор за правна соработка во граѓанските и кривичните предмети.

Откако ќе биде екстрадиран, Палевски во земјава ќе биде пречекан со судско решение за 30-дневен притвор и ќе биде пренесен во Шутка. Таму веќе се наоѓаат тројца осомничени соизвршители во грабнувањата и свирепите убиства.

Осомничен за помагање во грабнувањето, заедно со нив е и таткото на Вања, кој според првичните сознанија, на Палевски му давал информации кога девојчето ќе биде само.

Тој со последната одлука на Врховниот суд, која ја уважи неговата жалба, за меркат притвор, на 24 април замина во куќен притвор и доби мерка на претпазливост.

14 годишната Вања Ѓорчевска беше киднапирана и убиена заради изнуда на пари, како што кажаа тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврил Бубевски на 4 декември. Нејзиното тело беше пронајдено по седумдневна потрага, ден претходно, на 3 декември, во близина на скопското село Бразда.

Истиот ден (3 декември) беше пронајдено и безживотното тело на пензионерот Панче Жежовски од Велес. Според Спасовски, неговото убиство не е поврзано со убиството на Вања, туку неговото возило, кое подоцна беше запалено, било користено за грабнување на Вања.

Британија го екстрадираше црногорскиот бизнисмен Кнежевиќ

Архивска фотографија, приведувањето на бизнисменот Душко Кнежевиќ
Архивска фотографија, приведувањето на бизнисменот Душко Кнежевиќ

Црногорскиот бизнисмени, обвинетиот Душко Кнежевиќ, некогаш близок соработник на поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ, е екстрадиран во Црна Гора од Велика Британија за да се соочи со обвиненија за корупција.

Кнежевиќ бил пренесен од Лондон во Подгорица рано наутро на 30 април со специјален лет, соопшти црногорското Министерство за правда. Кнежевиќ, кој има британски, црногорски, кипарски и српски пасоши, е обвинет за „злоупотреба на положба во деловните операции преку поттикнување, создавање криминална организација и перење пари“, соопшти црногорската полиција.

Имено, Специјалното државно обвинителство го бара Кнежевиќ од јули 2019 година, а против него се покренати три обвиненија - за организирање криминална група, перење пари и злоупотреби во економијата.

Од покренувањето на истрагата тој престојува во Велика Британија.

На четири дена пред екстрадицијата, поранешниот премиер Дритан Абазовиќ изјави дека најдобро би било претседателот на Атлас груп Душко Кнежевиќ да биде заштитен сведок во Црна Гора и да му каже на обвинителството се што знае за бизнисите и економските активности на поранешната влада.

Инаку, Кнежевиќ со години црногорската јавност го сметаше за човек близок на поранешниот премиер Мило Ѓукановиќ. Се занимавал со мултимилионски бизниси - од банкарство, градежништво, образование до медиуми.

Мерки за претпазливост за 12 луѓе за злоупотреба на службена положба, бара Обвинителство

Обвинителство
Обвинителство

Мерки за претпазливост за 12 луѓе поради злоупотреба на службена должност побара денеска ( 30 април ) Јавното обвинителство. Во нивното кусо соопштение е наведено дека обвиненителниот предлог е базиран на истрага која била спроведена по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупција, без да се наведе информација од која инститиција се осомничените за злоупотреба на службената должност.

„Постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата, надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 лица за кривични дела - Злоупотреба на службена положба и Несовесно работење. За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерки на претпазливост, стои во соопштението од Јавното обвинителство.


Дел од медиумите во земјава објавија дека овој обвинителен предлог се однесува на аферата со распределба на спортските ваучери преки Агенцијата за млади и спорт.

(ДКСК) во февруари достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и членовите на централната комисија поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови во периодот од 2020 до 2022 година.

Според анализите на ДКСК годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари, што се вложуваат во спортот по разни основи, но АМС нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства.

ДКСК тогаш соопшти дека е неопходно да се интервенира и во самиот Закон за спорт, со носење на некое ново решение за распределба на средства со почитување на утврдени критериуми, за што веќе се дадени одредени предлози до кабинетот на вицепремиерката за добро владеење и до АМС.

Освен од АМС, податоци биле побарани и од фудбалската, кошаркарската, ракометната и одбојкарската федерација, како и до спортските клубови кои користеле средства од ваучери во висина од над еден милион денари. Тогашната претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, изјави ДКСК не е против доделување средства на клубовите, туку да се направи праведен систем без фаворизирање.

Естонија:Русија ги прекрши меѓународните правила со пречки во ГПС сигналите

Илустрација
Илустрација

Естонија ја обвини Русија за кршење на меѓународните прописи за воздушен простор со мешање на ГПС (GPS) сигналите. Министерот за надворешни работи на балтичката земја, Маргус Цахна најави дека ќе го разгледа ова прашање со своите партнери во НАТО и Европската унија.

Финската најголема авиокоманија Финаир (Finnair) по овој настан на 29 април објави привремена суспензија на своите летови до Тарту во источна Естонија на еден месец поради тековните нарушувања на ГПС сигналите кои спречија нивни два авиона да слетаат.

Летовите ќе бидат суспендирани за да му се овозможи на аеродромот да инсталира алтернативен метод на пристап кој не се потпира на ГПС сигналите, соопштија од авиокомпанијата. Повеќето аеродроми имаат инсталирано таква опрема.

Финската авиокомпанија соопшти дека не знае од каде потекнува мешањето, но дека има зголемување на инцидентите од 2022 година.

Превозникот пријави слични проблеми во близина на руската ексклава Калининград и источната граница на Финска со Русија.

„Мешањето на ГПС сигналите во естонскиот воздушен простор од страна на Руската Федерација го погоди цивилното воздухопловство во нашиот регион. Со тоа Русија ги прекршува меѓународните регулативи“, напиша министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахна на социјалните мрежи Х доцна во понеделникот.

Тој не објави повеќе детали и докази за да го поткрепи тврдењето.

Ниту Кремљ, ниту Министерството за одбрана на Русија не одговорија веднаш на барањата за коментар, јавува новинската агенција Ројтерс.

Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската унија (ЕАСА) не ги следи пречките во реално време, но информациите со отворен код покажаа големо мешање во областа на денот кога двата авиони беа пренасочени, рече портпаролот на Агенцијата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG